Инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат(ДСЗИ) и на Агенцијата за храна, попладнево ја затвориле кујната „Галакујна“ на Булевар „Србија“ поради сомнеж за труење со храна на 11 деца кои посетувале академија за фудбал во ФФМ, како и еден физиотерапевт, потврдиле вечерва за Нова тв од ДСЗИ.

Тие на 7 март побарале помош во ПЗУ Медика каде се жалеле на болки во стомакот и дијареја, но пријавата од амбулантата до Центарот за јавно здравје стигнала дури денеска.

„Галакујна“ е затворена поради сомнеж за Алиментарна токсоинфекција од храна конзумирана таму. Затворена е со лента од инспектори на ДСЗИ и АХВ, како и екипи на ЦЈЗ и Институт за јавно здравје. Земени се примероци од храна од едниот и од површините од двата објекта, но тој во Карпош не е затворен. Инспектори утре ќе одат во контрола на ПЗУ Медика да се види зошто толку доцна ја поднеле пријавата – изјави за Нова тв, Ирина Бухова, директорка на ДСЗИ.

Ова е второ труење со храна на деца кои посетуваат фудбалска академија. Во август годинава седум деца на возраст од 13 до 15 години добиле симптоми на акутно труење од храна која ја консумирале во трпезаријата на Фудбалската федерација на Македонија-ФФМ, а храната била обезбедена од кетеринг-служба на ДПТУ Форцашпед ДООЕЛ Скопје, подружница „Галакујна“ бул. Србија бр.50 Аеродром.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.