На Клиниката за ортопедски болести рано утрово за прв пат во историјата на македонското здравство беше направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор, информираа од Министерство за здравство.

Откако заврши експлантацијата на срцето и бубрезите, тимот лекари од клиниката експлантираше повеќе делови од коски и меки ткива кои сега веќе се презервирани во Отсекот за експлантација, презервација, складирање и трансплантација на меки и коскени ткива при ЈЗУ ЗА ТОАРИЛУЦ, Универзитетска Клиника за ортопедски болести. Веќе наредната недела е планирана апликација на еден сегмент од коска кај пациент со метастаза од карцином на бубрег, отстранет пред 12 години. Листата на реципиенти на коски и меки ткива се пациенти коишто страдаат од коскен или мекоткивен дефект настанати како последица од тумор, траума, претходен оперативен зафат, вродени аномалии, и е исклучиво динамична и се надополнува од ден во ден. Ткивата од еден донатор може да го подобрат животот на над 70 други личности, а на некои од нив и да го спасат, се вели во соопштението.

Денеска и дваесет и седум годишен пациент на дијализа доби бубрег од почината донорка.

Претпладнево успешно заврши првата трансплантација на бубрезите кои вчера доцна во ноќта беа експлантирани на Клиниката за Урологија. Во момнетов во тек е втората трансплантација кај 40 годишен пациент со хронична бубрежна болест кој исто така ќе добие бубрег од починатиот донор. Благодарение на семејството на 21 годишната девојка кое ги донираше органите, до сега се спасија три животи. Од понеделник на Клиниката за ортопедија ќе се трансплантираат коски и делови од меки ткива кај пациенти со ортопедски болести, информираат од Министерство за здравство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.