Во Република Македонија во периодот од 2012 до 2016 година од карцином на грло на матка умреле 203 жени, а бројот на умрени жени од карцином на грло на матка секоја година се зголемува за 6 отсто, информира Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените-ЕСЕ.

 

И покрај оваа алармантна состојба, Министерството за здравство издвојува средства и дава можност само 28% од жените на возраст од 24 до 60 години да направат бесплатен ПАП тест преку Програмата за скрининг на карцином на грло на матка, а секоја година со оваа програма опфаќа помалку жени од предвидениот број и троши помалку средства од издвоените“, се вели во соопштението од ЕСЕ.

Во периодот од 2012 до 2017 година, 56 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години не биле поканети да направат бесплатен ПАП-тест со Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката, а пак на 72 отсто од жените не им бил направен ПАП-тест преку Програмата во изминатите шест години.

Во анализираниот период, кај 13.317 жени или пак во просек кај 8 отсто од цитолошки анализираните брисеви утврдени се одредени клеточни абнормалности. Најголем број на клеточни абнормалности или 14,9 отсто утврдени се во 2016 година.

Доколку со Програмата за скрнинг на карцином на грлото на матката биле опфатени сите жени на возраст од 24 до 60 години во изминатите шест години, одредени клеточни абнирмалности би се идентификувале кај приближно 44.000 жени што значи дека кај овие жени е пропуштена можноста за рано откривање на предраковите промени и карциномот на грлото на матката, и со тоа навремено излекување и продолжување на животот на жените“, истакнуваат од ЕСЕ.

Оттаму бараат да се воспостави една национална програма за скрининг на ракот на грлото на матката, каде што прецизно ќе се дефинираат критериумите и одговорностите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со која ќе се превенира предвремената смрт на жените во нашата земја.

Моментално и Министерството за здравство и Фондот паралелно предвидуваат превентивни активности за рано откривање на ракот на грлото на матката, без меѓусебна комуникација и координација“, велат од ЕСЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.