Вработените на Клинички центар за денеска најавија излегување на протест на просторот кај хелиодромот. Тие трети ден протестираат против одлуката за зголемување на цената на месечниот износ за паркингот кој е зголемен од 300 на 800 денари. Но, во денешната најава за протестот, нивните барања се прошируваат – бараат продолжување на дијалогот за покачување на платите.

Паркингот на Клинички е капка која ја преполни „чашата” на наталожените проблеми со кои се соочуваат вработените во Клинички и затоа јавно бараме итно решавање на проблемите кои се акумулирани во јавното здравство без насочување во погрешен правец како што е последното со паркингот на Клинички, а се со цел избегнување на одговори и пронаоѓање на решенија на актуелните проблеми. Барањата се множат, а едно од тие е, поради незадоволство од динамиката со која се водат преговорите за покачување на платите на вработените во Клинички центар Скопје, бараме итно продолжување на дијалогот со ресорното министерство и ССКЦ (Самостоен синдикат на Клиничкиот центар) по основ на ветените покачувања за сите вработени во Клинички Центар без поделба на коефициенти по профили, се вели во најавата за денешниот протест.

Министерот Венко Филипче синоќа гостуваше на „Економски магазин“ и истакна дека е задоволен од постигнатото во здравството во својот мандат. Филипче смета дека покачувањето на платите на лекарите од 5% е сосема доволно за да го претстави како „една од најголемите инвестиции во здравството“.

Морам да кажам дека ние наследивме еден систем кој што генерално платите беа многу мали во споредба со платите на здравствените работници во регионот, а да не зборуваме за развиените земји. Ние сме на дното. Бевме на дното. И заради тоа оваа влада одлучи дека треба една од најголемите инвестиции да ја направи во платите на здравствените работници. И во таа смисла се инвестираше огромна сума пари. Најпрвин во текот на оваа година 2018 за прв пат плата за својата работа добија специјализантите коишто дотогаш работеа апсолутно бесплатно. Понатаму преку дежурствата значајно се зголемија примањата на сите здравствени работници, и на докторите и на медицинските сестри, изјави Филипче при вчерашното гостување на „Економски магазин“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.