Според последните податоци на Министерството за здравство, бројот на активни случаи со Ковид-19 во државава изнесува 670. Во последното деноноќие биле регистрирани 10 новозаразени од направени 2.825 тестирања. Здравствените власти истакнуваат дека вакцинацијата дава резултати, а од Комисијата за заразни болести најавија дека во зависност од бројот на нови случаи, ќе бидат донесени нови одлуки за олабавување на рестриктивните мерки.
Од регистрираните десет нови случаи на заболени од Ковид-19, пет се во Скопје, по два во Прилеп и Виница и еден во Куманово. Регистрирани се 332 оздравени пациенти, а пријавени се вкупно седум починати лица.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 123 и има околу 420 празни болнички кревети во ковид центрите.
Вкупната бројка, пак, на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.417, бројката на оздравени пациенти е 149.292, а на починати е 5.455.
Како што јави, пак, дописникот на МИА од Белград, во Врање е можна вакцинација за граѓаните на Македонија без претходно закажување. Сè што треба да сторат е да донесат важечка лична карта или пасош. До завчера во Врање се вакцинирани 1.105 граѓани на Република Македонија, а двете дози ги имаат примено 836 лица.
Според официјалната веб страница за вакцинација досега во земјава бројот на вакцинирани изнесува 245.413, а интерес за вакцинирање пројавиле 440.213 граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.