Само во последното деноноќие во ГОБ „8 Септември“ се примени 18 нови пациенти заразени со корона вирусот, а според директорот на болницата, д-р. Христијан Костов, тие се донесени во најтешка, животозагрозувачка состојба. За Фактор вели дека веднаш по приемот на некое од одделенијата во Ковид-центарот, ваквите пациенти веднаш ги ставаат на кислородна поддршка или на респиратор.
Ги носат со сатурација од 30 до 40, односно тоа е концентрација на кислород во крвта, што значи дека практично не можат да дојдат во воздух. Досега огромен број од колегите апелираа, а еве јас и денеска повторно ќе порачам дека граѓаните не смеат дома да се лекуваат одреден период и да чекаат да бидат донесени кога е предоцна. Од вкупниот број пациенти 100 се на кислородна поддршка, а 17 се на респиратор – вели д-р. Костов.
Нагласува дека во моментов има 140 хоспитализирани пациенти, со што ГОБ „8 Септември“ претставува најголем Ковид-центар во Македонија, каде повеќе од 3 и пол месеци здравствените работници и останатиот персонал деноноќно се во битката за спасување животи.
Би можел да кажам дека имаме капацитет за уште 100 болнички кревети, но персоналот е на крај на силите. Имаме засилување и од останатите медицински центри од земјава, но тие се кај нас само две недели, а за тој период едвај може да се снајдат низ болничките ходници. Апелирам да бидат распоредени барем еден месец, за да може кадарот да се одмори – вели директорот на ГОБ „8 Септември“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.