Граѓаните на Дојран стравуваат дека за три недели ќе нема лаборант кој е задолжен за вадење крв, медицинска услуга која е потребна при рутнски општ преглед. По 40 години во овој град и во 21 век, како што кажуваат дојранчани, медицинската сестра оди во пензија. Тоа ќе се случи набрзо, а на повеќето граѓани кои одат во амбулантата веќе им било кажано дека делот за земање крв во Дојран ќе се затвори, објави „Здравство.мк“.

Амбулантата во Дојран од пред три години има апарат со кој се добиваат резулатите за основната крвна слика, но нема анализи за шеќер и ЦРП. За да може да добијат резултат жителите на Дојран крвта мора да ја испратат во лабораторија во Гевгелија. Истото е и за туристите во текот на сезоната доколку имаат потреба.

Примерокот се вади во Дојран, па вработените од амбулантата чекаат било кој да помине со превоз за да ја пратат во Гевгелија. Немаат автомобил или некој кој треба да ја земе во соодветни услови и да транспортира до лабораторијата во Гевгелија.

Граѓаните велат дека најчесто земената крв за испитување во Гевгелија се праќа по приватни возила и автобуси.

Инаку, директорот на ЈЗУ Општа болница Гевгелија, Митко Крџев потенцираше и дека во текот на целата летна сезона општина Дојран ќе биде покриена со екипи на Итната медицинска помош.

Од 07 Јули до крајот на летната сезона, 31 август според директорот дојранчани и туристите ќе бидат покриени 24/7 со екипи на Итната медицинска помош.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.