Нема веќе активни случаи на ковид-19 во Дебар- општината од каде што, всушност, почна да се шири епидемијата во земјава и која поради тоа беше во карантин, заедно со Центар – Жупа.

Меѓу 69 пациенти што велегоа во денешната статистика на Министерството за здравство како излекувани од коронавирусот еден е од Дебар. Тоа е, воедно, последниот заболен од овој град, каде што веќе подолго време нема ниту нови случаи на ковид-19.

Во текот на април, во Дебар беа регистрирани само два случаи на ковид-19 и тоа во првата половина на месецот, додека во земјава во тој период рапидно се зголемуваше бројката на заболени.

Последните два случаи на коронавирус во Дебар беа регистрирани на 16 април и оттогаш бројката во овој град „застана“ на 51. Четворица од заразените во Дебар починаа, така што излекувани се 47 пациенти.

Освен Скопје, Куманово и во Прилеп, каде што бројките на заразени од ковид-19 се троцифрени, сега и во Тетово (84), Велес (77) и Струга (66) има повеќе случаи на коронавирус во споредба со Дебар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.