На 48 места во исто време ќе се врши вакцинирање на македонските граѓани против ковид-19 во скопската сала „Борис Трајковски“, објави на својот профил на фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, дневно ќе може да се вакцинираат 5.000 граѓани, а ќе се работи во две смени, од 8 до 20 часот.
Во неделата во Македонија, на 28 март, преку ковакс-механизмот пристигнаа 24.000 дози на вакцината „Астра Зенека“. Вчера почна имунизацијата на населението над 77 години.
Министерот Филипче изјави дека во Македонија „Астра Зенека“ нема да се дава на лица под 60 години откако Канада ја суспендираше употребата на оваа вакцина за лицата под 55 години, а Германија за лица под 60 години, врз основа на моментално достапните податоци за појава на ретки, но многу сериозни несакани ефекти поврзани со тромбоза.
До крајот на оваа и за следната недела, на територијата на цела држава пуштени се 9.577 термини, а досега закажани се 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77-годишна возраст.
Се финализираат подготовките на салата „Борис Трајковски“ каде ќе се врши масовна вакцинација. Подготвени се вкупно 48 позиции за истовремено вакцинирање и капацитет да се вакцинираат околу 5000 граѓани дневно. Согласно планот ќе се работи во две смени од 08:00 до 20:00 часот. Вакцинацијата која вчера започна на вакциналните пунктови ширум државата се одвива одлично, пишува Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.