Синиша Стојаноски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција упати обвинувања до министерот за здравство, Венко Филипче, за пропусти во организацијата со капацитетите за справување со потенцијално кризна состојба поради коронавирусот.

Прашуваме зошто, наместо целата енергија на Министерството за здравство и министерот Филипче да биде фокусирана кон препораките на СЗО за справување со актуелната ситуација, се доцни дури и со основната организација на неопходно потребните минимални просторни и кадровски капацитети“, рече Стојановски.

Тој нагласи дека нема основни средства за хигиена во училиштата, а патниците од авион што слетал на скопскиот аеродромот од кризното подрачје во Италија поминале без никаква контрола.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали некој воопшто ги евидентирал и контролирал овие патници во периодот на инкубација на вирусот, како и со колку респиратори располагаме во моментов. Понатаму, опозицијата прашува дали има доволно адекватно обучен персонал за потенцијални критични случаи или за предвидениот карантин, како и дали е функционална собата со негативен притисок и колкав е нејзиниот капацитет.

Дали забранивте или ограничивте патување кон и од кризните жаришта? Дали патниците од кризните жаришта ги изолирате во карантин за периодот на инкубација на вирусот? Има ли доволно маски за здравствениот персонал кој ќе биде на првата линија на удар доколку се појави вирусот и кај нас? Има ли воопшто доволно маски за граѓаните на Република Македонија? Постои ли воопшто контрола на патниците, министре? Имате ли посебен режим за оние лица кои што доаѓаат од кризните подрачја? Што е со оние лица коишто влегуваат со возила во државата? За каква тоа организираност зборуваме?“, праша Стојаноски.

Тој оцени дека Македонија во моментов не успева да задоволи еден од основните минимални услови кои ги препорачува Светската здравствена организација, а тоа е одржувањето на основната хигиена. Дополнително, како што рече, потребна е итна организација за ефективно да се одговори на сите препораки на Светската здравствена организација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.