Несовесниот однос на жителите и посетителите на Охрид го загрозува функционирањето на колекторскиот систем во градот, којшто ги собира отпадните води но и го штити Охридското езеро.
Од јавното претпријатие „Колекторски систем“ велат дека влажни марамчиња, пелени и хигиенски влошки се фрлаат во секундарната канализација и ги запушуваат потопните пумпи поставени на препумпните станици од цевководот на колекторскиот систем.
На овој начин, се загрозува функционирањето на колекторот преку несоодветното одлагање на отпад во канализационата мрежа. Екипите на државното ЈП „Колекторски систем“ нон-стоп се на терен за да ги отстранат влажните марамици, памперси и хигиенски влошки кои ги затнуваат пумпите.
ЈП „Колекторски систем“ уште еднаш ги замолува граѓаните и туристите во Охрид и туристичките населби за соодветно одлагање на отпадот бидејќи секундарната канализација не е место за одлагање на овој вид отпад. Заштитата на животната средина и нашиот бисер, Охридското езеро, е наш заеднички интерес – изјави, директорот на државното јавно претпријатие, Владимир Алексијоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.