Во просториите на Заводот за рехабилитација на деци и млади Скопје (Топанско Поле) денеска беше извршена теренска вакцинација против Ковид-19 на корисници – лица со интелектуална попреченост сместени во заводот и вработените. Вакцинацијата ја изврши екипа на Здравствен дом Скопје.

27 корисници, од вкупно 29 кои долгорочно престојуваат во установата, ја добија првата доза од вакцините против Ковид-19. По препорака од одговорниот лекар од тимот за вакцинација, преостанатите двајца корисници ќе бидат дополнително вакцинирани штом нивната здравствена состојба го дозволи тоа. Вработените од заводот и центрите за социјална работа ги обезбедија потребните согласности за вакцинација од родителите или старателите на корисниците.

Дополнително, 11 вработени кои обезбедуваат директна грижа и поддршка за корисниците, исто така, примија прва вакцина против Ковид-19. Во текот на април, како дел од критичната инфраструктура, повеќе од 30 вработени во заводот веќе беа заштитени од ковид-19 со две дози вакцина. Со овие две акции за вакцинирање, повеќе од 80 отсто од вработените, практично сите вработени кои изразиле интерес и немаат медицински состојби кои би ја попречиле вакцинацијата, се заштитени од Ковид-19.

Министерството за труд и социјална политика во континуитет и во соработка со надлежните здравствени институции ги презема сите мерки за заштита од појава и ширење на Ковид-19 во групните домови и во социјалните установи за долгорочно сместување. На самиот почеток на пандемијата беа развиени посебни протоколи за групните домови и социјалните установи и беа обезбедени дезинфекциски средства и лична заштитна опрема за вработените и корисниците.

Навремените и соодветни мерки спречија масовно ширење на Ковид-19 и фатални последици кај сместените корисници и вработените во социјалните установи и групните домови во земјава.

Министерството за труд и социјална политика ги повикува сите вработени и корисници на системот за социјална заштита кои досега не се вакцинирале да ги искористат достапните можности за вакцинирање против Ковид-19 и да го заштитат своето и здравјето на своите блиски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.