Европа може да достигне колективен имунитет против коронавирусот за три-четири месеци, изјави директорот на германската фармацевтска компанија „Бионтек“, Угур Сахин, пренесува Гласот на Америка.

Сахин рече дека податоците за луѓето што примиле вакцина покажуваат дека реакцијата на имунолошкиот систем ослабува со текот на времето и дека најверојатно ќе биде потребна трета доза.

Според истражувањето, ефективноста на вакцината „Фајзер/Бионтек“ паѓа од 95 на 91 процент по шест месеци, додаде Сахин.

Соодветно на тоа, ќе биде потребна трета доза за да се врати до речиси 100-процентна заштита, нагласи директорот на Бионтек.

Вакцината на компанијата во моментов се дава во две дози, со временско растојание од три недели, иако во некои земји периодот е подолг. Сахин сугерира дека третата доза треба да се даде од 9 до 12 месеци по првата.

Потоа очекувам дека веројатно ќе биде потребно да се прима вакцина секоја година или можеби на секои 18 месеци, вели тој.

Во меѓувреме, се стравува дека постојните вакцини може да бидат помалку ефикасни против нови соеви на коронавирусот што се појавуваат во различни делови од светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.