Сите граѓани кои ги примиле двете дози од вакцината против Ковид-19 може да си го земат сертификатот од својот матичен лекар.

Македонскиот сертификат за вакцинација е двојазичен документ испишан на мекедонски и на англиски јазик, во кој се внесени личните податоци на лицето, која вакцина ја примило, датумот на аплицирање и вакциналниот пункт. Во долниот дел на сертификатот за Ковид-19 вакцинација стои баркод со кој практично се докажува дека лицето е имунизирано против корона вирусот. Сертификатот за Ковид-19 вакцинација е заверен со дигитален печат од Министерството за здравство.

Со овој сертификат вакцинираните ќе можат да патуваат без никакви проблеми и без ПЦР тест за ковид-19 во државите каде што тоа е дозволено. Без сертификат, на граница задолжително треба да се има негативен ПЦР тест, но не постар од 72 часа. Исто така, може слободно да патуваат и лицата кои веќе ја прележале болеста, за што ќе добијат потврда од матичниот лекар, но ваков документ се признава само ако не се поминати 6 месеци од излекувањето.

Сертификатот е прилагоден онака како што се дадени препораките од ЕУ за патување на нашите граѓани. Како што појаснуваат од ресорното министерство доколку имунизираните лица се соочат со одредени проблеми при издавањето на сертификатите, како што деновиве се пишуваше по социјалните мрежи, односно доколку им биде побарано медицинската белешка да се плати, тогаш тие задолжително да пријават во Државниот санитарен и здравствен инспекторат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.