Големиот број на заразени со коронавирус во САД е во најголем дел предизвикан од попуштање на мерките, односно, од занемарувањето на препораките да се одржува физичка дистанца и да се носи заштитна маска, смета главниот експерт за заразни болести во Белата куќа, Ентони Фаучи.

Водечкиот американски епидемиолог изјави дека дневниот пораст на новозаразени е во јужните и западните сојузни држави кои не ги следеа препораките на здравствените власти да почекаат да опадне ширењето пред да донесат одлука за отворање на економијата.

Тоа е рецепт за катастрофа, изјави за „Си-Ен-Ен“ Фаучи, инаку директор на американскиот Национален институт за алергии и заразни болести.

Познатиот епидемиолог додаде дека сега се гледаат последиците од ширењето на вирусот во заедницата, нешто што е многу потешко да се сопре од на пример, ширење на зараза во затвор, дом за стари лица или погон за преработка на месо.

Инаку, во Соединетите Американски Држави се регистрирани над 2,5 милиони лица позитивни на коронавирус, а повеќе од 125 илјади лица починаа како последица на Ковид-19 – додава Ројтерс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.