Бројот на новозаболени од коронавирусот во државава повторно е во пораст. Вчера беа регистрирани 36 нови случаи, со што вкупниот број дијагностицирани од почетокот на епидемијата, досега, достигна 1.622, а има и 419 активни случаи. Со вчера објавените од Институтот за јавно здравје, 12 новопотврдени случаи во Тетово и вкупна бројка од 108 дијагностицирани и 52 активни случаи, тој град е новото жариште во коронавирусот.

Најголем број дијагностицирани има во Скопје – 538 и 131 активен случај, а потоа следат Куманово – 408 и 63 активни случаи, Прилеп – 173 и 65 активни случаи и Велес – 107 и 51 активен случај.

Вкупниот број оздравени во државава изнесува 1.112, а на починати е 91. Досега во земјата се направени вкупно 18.821 тестирања на Ковид -19.

Новите позитивни случаи со ковид-19 во тетовскиот регион вчера беа причина за итна координација на претставниците на Владата и здравствените институции во тетовската клиничка болница. Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид-19, истакна дека очигледно и покрај тоа што генералниот впечаток е дека состојбата е под конторла и дека трендот е позитивен, освен пикот, сепак констатиравме слабости и во делот на почитување на индивидуалните мерки од страна на граѓаните и комуникација со матични лекари и одговорот на матичните.

Направивме план кој ќе биде презентиран пред кризниот штаб на Владата со цел да го подобриме менаџирањето. Повик до граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи во ситуација кога спласнува пандемијата на ниво на државата може да создаде ситуација на лажна самодоверба дека ја поминавме состојбата да се опуштиме предвремено и наместо за кратко време навистина ја пребродиме оваа состојба, може да ни се врати поради таа лажна самодоверба дека завршивме работа“, рече Османи.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.