Светската здравствена организација издаде предупредување пред Божиќните празници поради забрзаното ширење на омикронот.

Подобро е да се откажат собирите отколку живот, рече лидерот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференција, додавајќи дека треба да се донесат тешки одлуки.

„Во некои случаи, тоа ќе значи откажување или одложување собири и настани“, рече тој.

На сите ни е преку глава од оваа пандемија. Сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормален живот. Најбрзиот начин да се постигне тоа е да се донесат тешки одлуки за да се заштитиме себеси и другите, додаде Гебрејесус.

Според него пандемијата може да заврши оваа година доколку 70 отсто од населението во секоја земја во светот се вакцинира до средината на годината.

Изјавата на лидерот на СЗО доаѓа во време кога здравствените експерти тврдат дека омикронот стана доминантен меѓу новите случаи на заразени во Соединетите Американски Држави.

Сега има силни докази дека омикрон се шири значително побрзо од делта-сојот. И има поголеми шанси за зараза или повторна инфекција на луѓето кои биле вакцинирани и оние кои се опоравиле од коронавирусот, рече Гебрејесус.

Голем број земји, вклучително и Франција и Германија, воведоа нови ограничувања за патување во обид да го забават ширењето на новиот сој од коронавирус. Холандија воведе строга блокада што ќе трае за време на божиќните празници.

Белата куќа вчера соопшти дека претседателот Џо Бајден не планира да воведе заклучување, а водечкиот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, претходно предупреди дека божиќното патување може да го забрза ширењето на омикронот дури и кај целосно вакцинираните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.