Светската здравствена организација укажува на штетните последици од употребата на тутун и од пасивната изложеност на чадот од тутунските производи, и советува да не се употребува тутун во каква било форма. Во согласност со темата „Заложба за откажување од пушење”, овогодинешната кампања на СЗО по повод 31 мај, Светски ден без тутун става акцент на тоа колку е важно на пушачите да им се обезбедат алатките и ресурсите што им се потребни за да се обидат да се откажат од пушење и да успеат во таквиот свој обид, соопшти канцеларијата на СЗО во Скопје.
Откажувањето од тутунот не е лесно, особено со дополнителниот социјален и економски стрес што го предизвика пандемијата. Сепак, откажувањето од пушење е поважно од било кога затоа што најновите докази покажуваат дека луѓето кои пушат се под поголем ризик од заболување од тешка форма на Ковид-19 и смрт од истата, вели д-р Елена Ќосевска, специјалист по социјална медицина и јавно здравје во Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Тутунот е значаен фактор на ризик за заболување од незаразни болести како што се кардиоваскуларните, малигните и респираторните заболувања и дијабетесот.
Придобивките од откажувањето од пушење се речиси моментални. Така, пулсот паѓа по само 20 минути од откажувањето. Во рок од 12 часа, нивото на јаглерод моноксид во крвта се намалува до нормална вредност. Во рок од две до 12 недели се подобрува циркулацијата и се зголемува функцијата на белите дробови. Во рок од еден до девет месеци се намалуваат проблемите со кашлање и отежнато дишење. Во рок од пет до 15 години ризикот од мозочен удар се намалува на вредност карактеристична за непушач. Во рок од 10 години стапката на смртност од рак на белите дробови е околу половина од таа кај пушачите. Во рок од15 години ризикот од срцево заболување е ист како и кај непушачите.
Пандемијата на Ковид-19 доведе до тоа голем број корисници на тутунски производи да искажат подготвеност да се откажат од пушење, но не сите имаат пристап до алатки кои може да им помогнат во таквата намера. Ова е причината зошто СЗО апелира до владите да се погрижат нивните граѓани да имаат пристап до сеопфатни услуги за откажување од пушење од типот на кратки совети, бесплатни телефонски линии за поддршка, мобилни и дигитални услуги за престанување со пушење, заменски терапии за никотинот и други алатки кои се покажале како успешни. Зајакнувањето на политиките и услугите за откажување од пушење може да го подобри здравјето, да спаси животи и да заштеди пари, изјави д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Македонија.
Корисниците на тутун имаат за 84 отсто поголеми изгледи успешно да се откажат од пушење тогаш кога добиваат интензивни совети од лекар. Со цел да им помогне на корисниците на тутун да престанат да пушат, СЗО употребуванови дигитални алатки како што е Флоренс–првиот емпатичен дигитален здравствен работник на СЗО. Флоренс е систем за поддршка заснован на вештачка интелигенција кој имитира здравствен работник што се бори против дезинформациите околу Ковид-19 и тутунот, обезбедува кратки совети за корисниците на тутун во функција на нивно откажување.
Други ресурси за откажување од пушење, препорачани од СЗО има на: https://www.who.int/campaigns/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.