По повод одбележувањето на 17 септември – Светски ден посветен на безбедноста на пациентите, годинава Светската здравствена организација акцентот го става и на безбедноста на здравствените работници, под мотото „Безбедни здравствени работници, безбедни пациенти“. Здравствените работници се во првите борбени редови во справувањето со вирусот КОВИД-19, како еден од најголемите здравствени предизвици со кои се соочува светот.

Заштитата и безбедноста на персоналот е врвен приоритет на Министерството за здравство имајќи предвид дека со заштитата на здравствените работници се штитат и пациенти кои се во контакт со нив.

Сите јавни здравствени установи во државата располагаат со соодветна заштитна опрема за персоналот и средства за дезинфекција, а воедно Министерството располага со доволно резервни количини кои се доставуваат до установите согласно нивните барања и потреби. Дополнително на опремата која ја има Министерството за здравство, добиени се донации во заштитна опрема во големи количини – повеќе од еден милион парчиња заштитна опрема од различен вид.

Покрај безбедноста на медицинскиот персонал, Министерството е посветено и на стимулирање и мотивирање на кадарот, како и унапредување на статусот на здравствените работници. Здравството и здравствените работници се клучниот столб во борбата со вирусот КОВИД-19, и токму затоа во континуитет апелираме максимално да се почитуваат мерките за заштита, велат од Министерството за здравство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.