Петнаесегодишната пациентка од тетовското село Селце, која почина на Инфективната клиника во Скопје од компликации од ковид, била со тешка здравствена состојба и, иако лекарите ѝ овозможиле комплетна терапија, таа не успеала да ја победи болеста.
-Пациентката дојде на Инфективната клиника во исклучително тешка здравствена состојба. Таа била претходно примена и во тетовската болница, но имала многу брз развој на тешка клиничка слика. Тераписки беше комплетно покриена, така што немало што повеќе да се даде од лекови и не можел да се смени крајниот исход од болеста, вели директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ.
Таткото на починатото девојче во епидемиолошката анкета навел дека и мајката починала од последици од ковид-19.
Д-р Стевановиќ апелира до младите да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките бидејќи, како што вели, младоста сама по себе не штити од ковид, како што се сметаше на почетокот од епидемијата.
-Имаме работа со тешка инфекција и мора да бидеме исклучително сериозни, независно од младоста. Младоста не нè штити така како што сметавме или се надевавме на почетокот на епидемијата, вели д-р Стевановиќ.
На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 160 ковид-пациенти од кои 10 до 15 примиле една или две дози на вакцина.
Според Стевановиќ, клиничката слика на оние што примиле вакцина е драстично полесна отколку кај невакцинираните.
Вчера почина и 22-годишен пациент од Куманово, кој најверојатно се заразил на свадба.
Пациентот не бил вакциниран и немал хронични заболувања, но во исклучително тешка состојба е примен на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.