Специјални очила за докторите на Итна медицинска помош е иновацијата која Министерството за здравство ќе почне да ја применува по потпишувањето на меморандумот за соработка со Амбасадата на Израел во Република Македонија и со Фондот за иновации и технолошки развој. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека специјалните очила се само дел од планот за подобрување на квалитетот на Итната медицинска служба.
Истовремено со огласите за нови вработувања и нови возила воведуваме и иновација, а тоа се специјални очила коишто ќе овозможат комуникација на докторите коишто се на лице место со центрите, по системот на телемедицина каде што работат специјалисти во одредени области. На тој начин сметаме дека значајно ќе се подобри квалитетот на Итната медицинска служба во однос на давањето сервиси на лице место, како и начинот на транспорт до соодветната институција, најави министерот Филипче.
Освен специјалните очила, министерот Филипче рече дека договорот со Израел ќе овозможи тренинг на докторите и на медицинските сестри кои работат во Итната помош. Ќе настојуваат искуствата од системот во Израел, за кој министерот вели дека е одлично организиран, да ги пренесат и кај нас.
Министерот потсети дека се потпишани договорите за набавка на нови возила, а се распишуваат огласи за прием на кадар, сега за 40 лица, а се подготвува и оглас за 40 вработувања само за доктори оти тие најмногу недостасуваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.