Во услови кога на глобално ниво е прогласена пандемија поради рапидно ширење на вирусот ковид-19, Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија упатува стручни препораки за лицата со хронични белодробни заболувања, кои спаѓаат во групата болни со висок ризик за разивање потешка клиничка слика на ковид-19 и имаат зголемен ризик од несакани последици и фатален исход.
Во овој период посебно внимателни треба да се лицата со со: астма, хронична опструктивна белодробна болест-ХОББ, цистична фиброза, хронични интерстициелни болести, хронични болести на пулмоналната циркулација, болните со екстремна дебелина, проследена со хиповентилациски синдром, лицата на имуносупресивна/имуномодулаторна терапија, како и болните со малигни болести на белите дробови и плеврата).
Превентивни мерки
Болните со хронични белодробни заболувања строго да се придржуваат кон препораките на надлежните органи за самоизолација, избегнување непотребни контакти со други лица, дури и доколку тие во моментот не манифестиираат симптоми на настинка или болест. Ова се однесува и на членовите на фамилијата и пријателите, особено ако тие редовно одат на работа, набавки и слично.
Одржување лична хигиена, често миење (или дезинфекција) на рацете, особено пред јадење и веднаш по кашлање.
Болните со хронични белодробни болести често имаат хронична кашлица и се потенцијален здравствен ризик за својата околина, поради што е неопходно да користат марамчиња за една употреба при кашлање, кои веднаш ќе ги фрлат во пластична ќеса и ќе ги дезинфицираат или измијат рацете. Лицето кое ќе ги исфрла отпадните материи од болниот (ќеса со употребени марамчиња, пластични предменти за една употреба и слично), треба да ги затвори во друга ќеса и да ги депонира во контејнерите за отпадоци. При манипулација со нив, задолжително да се носат ракавици за една употреба, кои ќе се фрлат веднаш по употребата и рацете да се дезинфицираат/измијат со сапун.
Потребно е болните да имаат свој прибор за лична хигиена, крпи, садови, кои ќе бидат адекватно означени, за да не се мешаат со истите од другите членови на фамилијата.
Потребна е и дезинфекција на површините во домот со алкохол или со средства за дезинфеција на база на алкохол.
Болните да не прекинуваат со употреба на веќе препишаната редовна терапија за контрола на нивната болест. За таа цел, овозможено е матичните лекари да ја препишат терапијата врз основа на претходно издадени извештаи од специјалист/супспецијалист за да се спречи беспотребно движење на болните во здравствените установи.
Во редовната исхрана да се воведат состојки кои содржат антиоксиданси, бета-каротен и витамин Ц (шумско овошје, моркови, агруми), редовно спиење и одмор, како и физички вежби во рамките на можноста (зависно од степенот на ограниченост поради основната болест)
Постапка при влошување на тегобите од хроничната болест
Во случај на појава на зачестена или поинтензивна кашлица, зголемување на количината или промена на бојата и густината на искашлокот, влошување на заморот или појава на нови тегоби, како на пример, покачена температура, болка, крвав искашлок, препорачуваме болниот веднаш да стапи во контакт со својот матичен доктор. Во услови на оваа вонредна состојба, матичните доктори ќе обезбедат најбрза и воедно и најадекватна првична помош на болниот и претставуваат централната карика која го поврзува болниот со останатите нивои на здравствена заштита.
Доколку состојбата на болниот е многу тешка, односно по процена на матичниот доктор, треба да се контактира итната медицинска служба или службите на секундарната здраствена заштита (интернисти, пулмоалерголози, Центрите за астма и ХОББ на ниво на здравствени домови и регионални болници, ГОБ „8-ми Септември“).
Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија останува на располагање на сите болни за кои матичниот доктор, секундарната здравствена заштита или итната служба ќе проценат дека имаат потреба од терциерна здравствена заштита.
При секој контакт со медицинско лице во домашни услови или при посета на здравствените установи (преглед од доктор, земање лабораториски и микробиолошки примероци, контакт со домашна посета, итна медицинска помош и слично), болниот задолжително да носи маска, која ги покрива носот и устата, марамчиња за една употреба и средство за дезинфекција на рацете!
Доколку болниот има честа и продуктивна кашлица, се препорачува носење заштитна маска и при контакт со членовите на фамилијата, односно лицата со кои живее или е во иста просторија и во непосреден контакт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.