Потребни се рестрикции за да се спречи влошување на епидемиолошката состојба, потенцира микробиологот д-р Никола Пановски во изјава за „360 степени“, коментирајќи ги најавите на здравствените власти дека до крајот на неделава ќе се разговара дали ќе се воведуваат нови рестрикции поради делта-сојот на ковид-19.

Пановски вели дека мерки за заштита како задолжителен ПЦР-тест за влез во земјава веќе требаше да бидат на сила.

Мерки на границите требаше да се воведат. Има рестрикции за нас кога патуваме во земји каде има по 2 000 случаи дневно. Ние се тестираме за да одиме во Грција, а тие денеска имаат речиси 2 000 случаи. Каде е тука логиката? Да е обратно, разбирам. Треба да се бара ПЦР на секој што ќе влезе во земјава, барем за тие земји кои нас ни бараат, бидејќи имаат многу повеќе случаи од нас – вели Пановски.

Пановски смета дека голема грешка е направена што се дозволија собири и прослави во затворен простор, бидејќи вели на тој начин може да „експлодира“ делта-сојот.

Апсолутно требаат рестрикции и не смееше да се дозволат свадби во затворен простор, бидејќи „ќе експлодира“ тој сој, баш оттаму ќе доаѓаат иселениците од другите земји каде го има тој сој. Кога ќе имаме повеќе од 70 отсто вакцинирани тогаш може – вели Пановски.

Здравствените власти пак, велат дека состојбата будно се следи и дека до крајот на неделава ќе се разговара за евентуално воведување на нови рестрикции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.