Смртноста од коронавирусот, чие официјално име е Ковид-19, е поголема од сезонскиот грип, беше кажано денеска на конференцијата за новинарите одржана во Женева, каде што е седиштето на Светската здравствена организација.

Коронавирусот усмрти 3,4 отсто од заразените, што е многу повеќе од стапката на смртноста од сезонскиот грип, изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Геберејесус на конференцијата во Женева.

Тој истакна дека и за сезонскиот грип постојат вакцини и конкретни медицински третмани, што не е случај со новиот вирус, поради што тој не може да се третира како грип. Геберејесус додаде дека моментно се вршат повеќе клинички тестирања на различни медицински третмани, а се развиваат повеќе од 20 вакцини против коронавирус.

Овој коронавирус не е САРС, не е МЕРС, не е грип. Тој е единствен вирус со единствени карактеристики. Меѓу грипот и коронавирусот постојат доволно сличности, така што здравствените системи на државите не почнуваат од нула. Бидејќи Ковид-19 е исто така респираторен патоген, овие системи  можат и би требало да се адаптираат на новиот вирус, истакна Геберејесус.

Она што ги разликува сезонскиот грип и коронавирусот е дека новиот вирус не се шири така „ефикасно“ како грип, тврди СЗО. Според СЗО, болест не може да пренесе лице кое е заразено, а не развило симптоми на болеста што се случува кога станува збор за грип.

Втора значајна разлика е тоа што коронавирусот предизвикува сериозни заболувања за разлика од сезонскиот грип, а причина е тоа што за новиот вирус немаме развиено одговор во имунолошкиот систем, вели СЗО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.