Словенечки педијатри предупредуваат дека поради силната имунолошка реакција на инфекција со корона вирусот, децата може да претрпат оштетување на повеќе органи, вклучително и на срцето. Словенечките лекари наишле на неколку вакви случаи во последните неколку дена.
Како што истакнува педијатарот Тина Планкар Сровин од Универзитетскиот медицински центар во Љубљана, минатата недела во болницата примиле шест деца со воспаление на повеќе органи.
Според лекарите, ова било резултат на силна имунолошка реакција на нивниот организам откако децата биле заразени со корона вирус две до четири недели претходно, а потоа се опоравиле.
Ковид-19 кај деца се развива во полесна форма, но болеста може да има сериозни последици – предупредува Планкар.
Таа информира дека досега, во таа болница имало 40 деца со Ковид-19, а во последната недела забележале повеќе случаи на деца со „мултиоргански воспалителен синдром“ поврзани со претходна инфекција со корона вирусот.
Кај сите деца со овие симптоми примени во болницата минатата недела, се утврдило дека има штетни последици врз срцевиот мускул, па затоа добиле силни лекови против воспалениње. Покрај педијатри, во третманот учествувале и кардиолози и ревматолози.
Словенечките педијатри забележуваат дека појавата на слични симптоми кај деца со Ковид-19 првпат била забележана во Велика Британија пред неколку месеци.
Универзитетскиот клинички центар во Љубљана потврди дека во првиот бран на епидемијата лекувале само четири деца заразени со Ковид-19, но тоа биле поблаги случаи, додека во есенскиот бран во таа болница, досега се лекувани 43 деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.