Пациент со пулмонална хипертензија пред четири дена починал, бидејќи не ги добил неопходните лекови за оваа дијагноза, објави телевизија „Сител“. Лековите не му следувале на државна сметка поради тоа што болеста му била секундарна и не влегувала во програмата за ретки болести. По реагирање на здружението за ПХ до здравствените власти дека овој пристап е дискриминирачки, им било ветено дека терапијата ќе му биде достапна на болниот, но не дочекал да ја земе.
Еден пациент со ретки болести може да заболи и од пулмонална хипертензија и тогаш повторно ќе зборуваме дека има секундарно заболување. Едната дијагноза ќе ја третираме а другата не. Тоа е рамно и на овој случај што го имавме изгубивме лице бидејќи не доби терапија. Ако не се третира, најдобрата прогноза е дека ќе има продолжен живот од 2,8 години, вели Ирена Коцев од здружението за пулмонална хипертензија „Момент плус“.
70-годишниот скопјанец бил остваен без лекови откако пред една година му била регистрирана болеста. Како што објаснуваат во Здружението „Момент плус“ за „Нова“, не била тука лекарката која требала да потпише за во аптека да му го дадат лекот кој му бил одобрен откако интервенирале кај министерот Филипче.
Ние пред два дена отидовме кај министерот Филипче да замолиме да му се даде лекот и од него добивме позитивен одговор. Но, во аптеката каде што требаше да се подигне лекот ни рекоа дека треба да ја чекаат лекарката која единствено ја третира оваа болест, која е на пат, за да потпише. Човекот не го дочека лекот, почина, додава за „НОВА“ Коцев.
Пациентот кој не го дочекал лекот, досега само со свои средства си го купувал лекот кој чини околу 500 евра месечно.
Во земјата има четворица пациенти со ретката болест Пулмонална хипертензија и уште десетина кај кои оваа дијагноза е секундарна. Овие лица имаат проблем со дишењето и слаба функција на срцевиот мускул. Ако навремено земаат лекови животот може да им биде продолжен за 20 до 30 години. Од здружението велат дека на приватно треба да издвојуваат и по 500 евра месечно, што не може секој да си го дозволи тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.