Не можев да не интервенирам, зашто никако не може да се истолерира ширење невистини од било кого, а камоли од доктор, кој истовремено е и претседател на Здружението на матични лекари, реагира епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, по фејсбук-статусот на д-р Лилија Чолакова-Дервишова.

Докторката, меѓудругото, за новиот вирус пишува дека спаѓа во родови вируси кои постоеле и ќе постојат.

Е, па, вака стојат работите. Точно е дека отсекогаш коронавирусите постоеле. Тоа е фамилијата коронавируси. Во неа спаѓаат предизвикувачот на болеста САРС (Кина 2002-2003), предизвикувачот на МЕРС (Саудиска Арабија, 2012-2013), новиот коронавирус, со којшто сега се бориме, кој е наречен САРС-КоВ-2, (а не Ковид-19), како и четири нивни „собраќа“, кои предизвикуваат респираторни инфекции со симптоми на обична настинка.

Овие последниве навистина отсекогаш живееле покрај луѓето. Нема некој што не настинал, зарем не?

Меѓутоа, докторката тврди дека и САРС-КоВ-2 отсекогаш постоел!!! Простете, кога доктор покажува незнаење, кажува невистини и со тоа ги минимизира опасностите на ваков начин, тоа е СКАНДАЛОЗНО, коментира д-р Даниловски.

Тој ја покани дотичната докторка да си ги освежи своите знаења од вирусологија, преку, како што влеи, многу лесно достапниот сајт на „Википедија“, каде што во детали ќе ја види поделбата на овие вируси, нивната структура итн.

Што се однесува до нејзините искази за проблемите на пациентите со стравови, како и желбите на пензионерите да шетаат и навечер, едноставно немам коментар!

Само ќе потсетам дека овие навистина тешко подносливи рестриктивни мерки сите ние ги трпиме, токму за да ги заштитиме пензионерите од инфекција! Кои, нели, (да потсетам), најлошо поминуваат, ако заболат!, порача Даниловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.