Тинејџерот Итан Линдебергер повика на борба против лажните информации за вакцините пред Конгресот на САД, каде сведочеше за своето детство со мајка антиваксер. Тој успеал да се вакцинира откако побарал помош на интернет.
Линденбергер, 18 години, од американската сојузна држава Охајо, раскажуваше пред Конгресот како успеал да се вакцинира и покрај противењето на неговата мајка.
„Израснав со верувањето на мајка ми дека вакцините се опасни, таа отворено зборуваше за нејзините гледишта и лично и онлајн“, рече Линденбергер.
Неговата мајка Џил Вилер, е дел од глобалното антиваксерско движење кое верува дека вакцините се опасни и предизвикуваат аутизам. Иако ваквото тврдење постојано се отфрла, голем број родители сѐ уште одбиваат да ги вакцинираат своите деца, а Светската здравствена организација извести дека инфекциите со сипаници се зголемени за околу 50 проценти во 2018 година.
„Тие сакаат да веруваш во тоа“
Линденбергер рече дека иако „љубовта, грижата и посветеноста на неговата мајка се очигледни“, таа била активна во антиваксерската онлајн заедница и ги базирала своите верувања врз анегдотални информации. „Луѓето не сакаат да ги сфатат информациите и податоците“, рече Линденбергер.
Тој раскажуваше како самиот почнал да ги истражува тврдењата на мајка си во научни списанија и во извештаи на Американскиот центар за контрола и превенција на болести. Тинејџерот постепено станал убеден дека треба да се вакцинира. Кога се обидел да разговара за тоа со мајка си, и ѝ објаснил дека вакцината ММР (против сипаници, рубеола и шарлах) не предизвикува аутизам, таа му одговорила: „Тие сакаат да веруваш токму во тоа“.
Конечно, во ноември 2018, поставил прашање во онлајн дискусија на платформата Реддит: „Моите родители се малку глупави и не веруваат во вакцини. Сега, кога имам 18 години, каде да се вакцинирам?“
Следејќи ги инструкциите кои ги добил, тој го посетил локалното одделение на Министерството за здравство и примил вакцини за ММР и полиомиелитис, како и имунизација за хепатитис А и Б, грип, тетанус и други вируси.
Во меѓувреме, неговиот пост на Реддит станал вирален и го привлекол вниманието на медиумите, што довело и до неговото сведочење пред Конгресот. Во изјавата, Линденбергер повика на спротивставување на антиваксерските страници кои шират теории на заговор. На тие информации, смета тој, треба да се одговори со лични приказни за смрт и болести предизвикани од невакцинирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.