Откако почна вакцинацијата против Kовид-19, крвните згрутчувања станаа тема за која почесто се зборува, поради компликациите поврзани со вакцинирањето.

Експертите предупредуваат дека вакцините не се ексклузивни причинители на згрутчувањата и дека има бројни фактори кои ја играат својата улога, како на пример, возраста, лековите што ги земате, бременоста, па дури и висината. Но, новото истражување предупредува дека предвид треба да се земе и крвната група.

Студија спроведена на Универзитетот „Лунд“ во Шведска, тврди дека луѓето со крвна група А имаат поголем ризик за развој на крвни згрутчувања. Истражувачите користеле здравствени картони на повеќе од пет милиони лица за да ја пронајдат потенцијалната поврзаност помеѓу крвните групи и повеќе од илјада болести.

Студијата открила дека луѓето со крвна група А имаат поголем ризик од развој на крвни згрутчувања, поточно на белодробна емболија и венска тромбоза.

Белодробната емболија е затнување на една од белодробните артерии во белите дробови. Во повеќето случаи ја предизвикуваат крвни згрутчувања кои патуваат во белите дробови од длабоките вени на нозете или ретко од вените во другите делови од телото, објаснуваат од клиниката „Мејо“.

Претходната студија на Американското здружение за срце во 2020 година, открила дека во споредба со луѓето со крвна група нулта, оние со крвна група А и Б имаат 51 отсто поголем ризик за развој на длабока венска тромбоза и 47 отсто поголем ризик за развој на белодброна емболија.

Сепак, шведската студија тврди дека луѓето со крвна група А се во поголем ризик. Но, треба да се напомене дека овие крвни згрутчувања се поинакви од оние кои се поврзуваат конкретно со вакцината на „Џонсон и Џонсон“, а кои се однесуваат на случаите на тромбоза и тромбоцитопенија. Тоа се случува кога лицето има крвни згрутчувања (тромбоза) заедно со мал број на тромбоцити (тромбоцитопенија).

Тромбоцитите се клетки коишто циркулираат во крвта и се врзуваат заедно кога ќе препознаат оштетени крвни садови, објаснува д-р Марлен Вилијамс од одделот за коронарна нега при Медицинскиот центар „Џон Хопкинс“.

Иако луѓето со крвна група нулта се помалку склони на создавање крвни згрутчувања, сепак се во поголем ризик од друг проблем со крвавењето. Шведската студија открила дека луѓето со крвна група нулта почесто имаат нарушување на крвавењето, поточно чир на желудникот и на дванаесетпалачното црево. Другите нарушувања на крвавењето вклучуваат хемофилија и др.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.