Со два авиона вчера на скопскиот аеродром пристигнаа 500-те илјади вакцини што Владата ги набави од кинескиот производител „Синовак“. Станува збор за најголема пратка вакцини пристигната во земјава, а вакцините ќе бидат распоредени во градовите низ државата.
Kинеската вакцина „Синовак“ на 1 јуни беше одобрена од страна на Светската здравствена организација (СЗО) за итна употреба, што е сигнал до националните регулатори дека и оваа втора кинеска вакцина е безбедна за употреба. Исто така, овој потег дава можност оваа вакцина да биде вклучена во програмата Ковакс, за дистрибуција на вакцини во сиромашните земји.
Од седиштето на СЗО во Женева објавија дека се завршени сите проверки и инспекции на вакцината „Синовак“, вклучително и оние спроведени во погоните каде што се произведува.
Во соопштението на СЗО се наведени резултатите од истражувањето поврзано со вакцината „Синовак“, која според овие податоци спречува 51 процент од појава на симптоматски болести и обезбедува стопроцентна заштита од потешки форми на заболување и хоспитализација.
Вакцината „Синовак“ покажала ефикасност меѓу 50 и 90 проценти во различни студии и во моментов е одобрена за употреба во Кина, Индонезија, Бразил и Турција.
Вакцината содржи неактивирани верзии на коронавирусот што му помагаат на телото да создаде имунолошки одговор.
СЗО понатаму наведува дека вакцината „Синовк“ е неактивна, лесна за чување и како таква лесно достапна.
Советничката група САГЕ, која дава совети на СЗО за употреба на вакцини, исто така објави дека се извршени сите истражувања поврзани со вакцината „Синовак“ и дека се советува да се имунизираат сите возрасни со две дози на растојание од две и четири недели.
СЗО не препорача горна граница за употреба на вакцината.
Кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо порача дека од вакцината „Синовак“ во Кина се употребени над 1,1 милијарди дози и се вакцинираат луѓе на возраст од 3 до 100 години.
За ефикасноста и безбедноста на вакцината „Синовак“, министерот за здравство Венко Филипче посочи дека таа е високо ефикасна за превенција на тешка болест.
Официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО велат – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица, напиша завчера Филипче на „Фејсбук“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.