Рекорден број на починати од Ковид-19 во четвртиот бран беше евидентиран во вчерашната статситика на Министерството за здравство за претходното деноноќие. Меѓу починатите 36 лица е и 24-годишно момче од Ресен. Бројот на новозаразени во изминатиот период се движи околу 1000 дневно. Анализите на МЗ покажуваат дека 17 отсто од новозаразените биле вакцинирани, а меѓу хоспитализираните тој процент е 11. Околу 10 отсто од починатите во август биле вакцинирани.

Најновата анализа на Министерството за здравство говори дека од 6 до 26 август се заразиле 17.020 граѓани во државата. Од нив, 2.924 лица или 17 отсто се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со Ковид-19, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10 отсто) примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Како што соопшти Министерството за здравство, завчера биле вакцинирани 11.833 лица против Ковид-19, од нив 7.625 со прва доза. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 703.557 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.220.375 дози вакцини, а ревакцинирани се 516.797 граѓани.

Со последните бројки, се посочува во соопштението од МЗ, барем една доза вакцина имаат примено 51 отсто од населението над 40 години, како и 26 проценти од населението од 18 до 39 години. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Од Здравствениот центар (ЗЦ) Врање, пак, вчера соопштија дека кај нив се вакцинирале 13.300 Македонци, а се ревакцинирале 11.106 наши државјани.

Во државата заклучно со вчерашните податоци на МЗ има 13.697 активни случаи на Ковид-19. Од нив, во Скопје се 4948, Тетово – 2038, Гостивар – 1501, Куманово – 868, Струмица – 675, Кичево – 634. Најмалку има во Дојран, само два случаја.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 173 689, на оздравени пациенти е 154 174, а на починати е 5 818.Бројот на активни случаи изнесува 13 697.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.