Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 5 до 11 јули, спроведоа вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна во туристичките центри Дојран, Охрид и Струга. Целта на контролите спроведени во хотелите, рестораните, пицериите, слаткарниците, бурекчилниците, пекарниците, сендвичарниците, ќебапчилниците, кафе баровите, маркетите и други објекти, е спречување на појава на евентуални труења и инфекции од храна, кои лесно можат да се случат како последица на високите температури и зголемената фреквенција на потрошувачи во ек на туристичката сезона.

Околу 218 килограми храна, најголем дел месо и подготовки од месо и јајца, се уништени како небезбедни при извршени инспекции кај оператори со храна во Дојран, Охрид и Струга, соопшти денеска на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Во 128 вонредни контроли спроведени од 5 до 11 јули во трите туристички центри, констатирани се неусогласености со прописите кај 61 оператор со храна. Недоволна хигиена во објектите, неправилно декларирање на храната, нередовно вршење задолжителни здравствено – хигиенски прегледи на вработените, неуредно и нередовно водење на записите согласно пропишаните процедури за добра производствена и добра хигиенска праксаи HACCP, се само некои од недоследностите.

За нивно отстранување, инспекциските служби на АХВ донеле 20 решенија и една забрана, изречени се и 50 инспекциски мерки едукација на операторите и шест парични казни.

Освен во туристичките центри, АХВ спроведува засилени контроли и во малопродажните објекти во сите населени места, како и во местата каде се одржуваат манифестации на отворено и каде се подготвува и послужува храна.

Пред најавеното зголемување на температурите, Агенцијата апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за консумирање безбедна храна во услови на високи температури кога и ризикот од нејзино расипување е поголем. Укажува да се купува храна од одобрени и регистрирани објекти што ги имаат имплементирано безбедносните системи, како и да се внимава на означувањето на производите, каде и како се чуваат.

Исклучително важно е да се внимава на хигиената и во домаќинствата при подготовка на храната, нејзиното чување на соодветна температура, одвојувањето на сировото од зготвеното, како и користењето на исправна вода и свежи намирници за подготовка на храната, наведува АХВ.

Од почетокот на годинава заклучно со мај, инспекторите на АХВ спровеле 28.926 контроли во внатрешниот промет и 33.198 контроли на пратки од увоз. Како небезбедни, во тој временски период се уништени 137 тони храна, најголемиот дел од животинско потекло.

Недоследности во поглед на безбедноста на храната може да се пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, лично или на електронската пошта info@fva.gov.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.