Речиси една година по појавата на новиот вид коронавирус САРС – КоВ-2 познато е дека овој агресивен патоген не ги напаѓа само белите дробови и дишните патишта, туку може сериозно да го оштети срцето, крвните садови, нервите, бубрезите и кожата. Во јули британските невролози беа шокирани од сознанието дека САРС-КоВ-2 дури и кај пациенти со лесни симптоми или веќе излечени, може да предизвика тешки последици на мозокот и централниот нервен систем, како психози, парализа и мозочни удари кои често доцна се препознаваат.
Како што објави Дојче Веле, научниците од Центарот за биомедицинско истражување на Оксфорд открија дека секој петти пациент може да развие проблеми со менталното здравје како последица на болеста. Особено изолацијата може да доведе до нарушувања како анксиозност, депресии и несоница. Научниците ги објавија своите наоди во стручниот магазин „Лансет психијатрија“.
За обемната студија спроведена заедно со здравствената мрежа ТриНеткс анализирани се речиси 70 милиони анонимизирани електронски досиеа на пациенти во САД. Меѓу нив беа и 62.000 Ковид- пациенти со лесни симптоми. Се испитуваше дали овие пациенти развиле психички проблеми во периодот од две недели до три месеци по дијагнозата.
Според студијата, кај 18,1% од Ковид- пациентите во анализираниот период е дијагностицирано психичко заболување, што значи кај секој петти заболен пациент. Кај 5,8% од анализираните за првпат се дијагностицира психичко заболување.
За да се осигура дека овие психички болести се во директна поврзаност со Ковид 19, направена е споредба со податоците од шест други заболувања за истиот период: грип, други респираторни инфекции, кожни болести, камења во жолчка, камења во уринарниот тракт како и фрактури на коските. Кај овие болести сепак само 2.5% до 3,4% развиле и психички проблеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.