Поради зголемен број на случаеви со корона вирусот во Европа, Македонија воведува нова мерка за заштитата од вирусот на повисоко ниво. Патниците на „Визер“ од Милано и Венеција кои ќе пристигнуваат од Италија на аеродромите во Македонија, ќе мора да потполнуваат картичка во авион, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

На картичката ќе оставаат податоци, на која адреса престојуваат, па доколу некој од патниците биде заразен со коронавирус ќе биде полесно да се лоцираат луѓето кои биле со него во авион, поточно кој седел пред и зад него, изјави денеска Филипче.

Во Италија во последните 24 часа починаа уште 27 лица заразени од новиот коронавирус Ковид-19, а потвдени се нови 466 заразени. Бројот на починати во Италија сега изнесува 79 од почетокот на епидемијата, а бројот на заразени 2.502. Кина, каде што коронавирусот се појави во декември, е единствена земја во која умреа повеќе од 79 лица.

Шефот на италијанската цивилна заштита Анџело Борели изјави дека починле лица меѓу 55 и 101 година, главно биле постари од 70 години и дека имале и други заболувања од порано, пренесува „Франс прес“.

Во италијанските болници се наоѓаат 1.263 заразени лица од кои 220 се на интензивна нега. Најпогодени се регионите Ломбардија каде што починаа 55 лица, Емилија – Ромања каде што починале 18 и во Венето каде што се забележани три смртни случаи.

Инаку, нема нови пациенти тестирани за коронавирусот во изминатото деноноќие.

Филипче наведе дека во моментов три лица се наоѓаат на Клиниката за инфективни болести и тоа двајца патници од Италија и еден од Шпанија, но кај сите тројца резултатите биле негативни.

Единствената жена која е заболена со корона вирусот е во добра состојба.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.