Триесет и тригодишната охриѓанка Јана Арсовска боледува од адултен неуробластом, опасен малиген тумор, од кој заболува само еден во десет милиони. Се работи за агресивен канцер, кој после година дена повторно ѝ се врати.
Јана поминала две трансплантации на матични клетки, многу хемотерапии, зрачења, но болеста се уште не поминува.
Деновиве се навршува една година од втората трансплантација, а Јана лежи веќе 8 месеци не може да стане, бидејќи има силни болкни во ногата на која има изгореници од зрачењето.
Си кажувам молитва, некако јас бев човек што сака да планира, на пример во јуни ќе одам на едни место, во август ќе го направам тоа и тоа, меѓутоа сфаќаш дека некако не можеш баш така животот да го испланираш. Така да се будам со мислата фалата ти Господе што сум жива, да имаме денес убав ден, да имам помалку болки, а заспивам исто така со молитва дека утре ќе биде подобро, дека помалку ќе боли ногата. И да боли, тој страв некако наоѓам начин да го победам, вели Јана Арсовска.
Бидејќи во организмот на Јана се уште има лоши клетки, лекарите од германската клиниката во Флензбург каде што се лекувала, ѝ предлагаат да прима имунитерапија со антитела кои ги уништуваат малигните клетки, но тоа чини многу пари, првично околу 80.000 евра. Затоа Јана, благодарна на сите хумани луѓе и на државата што ѝ помогнале да се лекува во странство, уште еднаш се обрати до Фондот за здравство да ѝ одобри сретства за да го продолжи лекувањето, но беше одбиена.
Бев одбиена и поднесов жалба и жалбата ми ја одбија врз основа на тоа дека осигуреникот, односно јас сум дел од медицинска студија, а тоа навистина не е точно. Професорката се обиде да најде студија и да ме стави, меѓутоа не можеше да најде бидејќи сите студии се за деца, затоа што е ова детска болест, објаснува таа.
Деновите минуваат, а Управниот суд се уште не се произнесол по тужбата на Јана, веќе 2 месеци нема епилог.
Не сакам да ме сожалуваат, вели Јана, сакам да оздравам и да придонесувам за оваа земја, да создавам и да раснам заедно со неа и во неа. Не можам веќе да си ги пронајдам амбциите, соништата како да исчезнаа.
Желбите на Јана се скромни.
Само сакам да испијам кафе покрај моето езерце, но ниту тоа не го можам.
Извор: Алфа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.