Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар предупредува дека ќе колабира системот, ако не се тргнат докторите од избирачките одбори.

Во соопштение до јавноста посочуваат дека за нив е неприфатлива одлуката вработени во јавните здравствени установи, вклучително доктори и медицински сестри во овие моменти да бидат вклучени во избирачки комисии и одбори.

Министерот за здравство, поради недостиг и истрошеност на здравствен персонал донесе колеги од другите градови да помогнат во работниот процес во Градската општа болница „8 Септември и во Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Спротивно на тоа се носи одлука дел од здравствениот персонал од Скопје да биде вклучен во изборниот процес што потенцијално може да придонесе до поголем недостиг на здравствен персонал. Претседателот на ДИК вели дека имал разбирање и ги оправдувал здравствените работници, но не било законски да се изврши замена и дека како и сите други ќе морале да поднесат барање за изземање од општинските изборни комисии за да може да се одговори на нивните барања, стои во соопштението.

Оттаму ги повикаа надлежните институции преку системско, а не поединечно решение да ги повлечат вработените во здравствените установи од избирачките одбори и комисии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.