„Не сум приморан да го носам детето во детска градинка и решението да го носам е во целост лично мое“. Оваа реченица од изјавата што ги пречека родителите во градинките многу ги разлути. Тие деновиве при запишувањето на децата во градинките добија лист за изјава со 17 потточки, пишува деца.мк.
Дел од потточките ги наведуваат родителите да потпишат дека не се приморани да ги носат децата во градинка, дека решението е во целост нивно, дека ќе им ја проверуваат температурата на децата, дека градинката не им обезбедува гаранција дека нема да бидат заразени и уште многу други работи…
Родителите бурно реагираат на овој потег на градинките.
Како тоа не сум приморана да го носам во градинка? Секако дека сум приморана, кај да биде додека сум на работа? Оваа ситуација е нож со две острици. Треба да одбираме меѓу две зла, вели мајка.
Изјавата, реагираат родители, е небулозна и неприфатлива по повеќе основи.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека градинките сами одлучуваат што ќе побараат од родителите.
Министерството во соработка со Комисијата за заразни болести изработи протокол – оперативен план за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по укинување на вонредната состојба, кој Владата го одобри и тој беше испратен до јавните и приватните установи за деца – детските градинки за нивно постапување. Согласно протоколот, секоја градинка како посебен правен субјект носи свои акти за работење во време на пандемијата, кои треба да бидат усогласени со протоколот. Родителот/родителите пред повторно да го вклучи детето во градинката потребно е да достави потврда од работодавец дека работните задачи задолжително мора да ги извршува на работното место и да обезбеди лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете. Секоја градинка сама одлучува што дополнително ќе побара од родителите ни изјавија од МТСП.
Целиот текст можете да го прочитате тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.