Вакциналниот пункт во поликлиника Чаир е комплетно реновиран, а пунктот за магнетна резонанца ќе работи секој работен ден од 19:30 до 22:30 часот, покрај редовните две смени.

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска беше во посета на поликлиника Чаир, каде заедно со директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Виктор Исјановски го промовираа реновираниот пункт за вакцинација.

Вакциналниот пункт во поликлиника Чаир е комплетно реновиран и доопремен согласно следење приоритети, стандарди и упатства на Светската здравствена организација. Во наредниот период ќе се реновираат и останатите вакцинални пунктови при Здравствен дом Скопје. Во изминатите шест месеци во пунктот се дадени вкупно 6.280 дози вакцини.

Министерот Филипче изјави дека новина во оваа поликлиника е што пунктот за магнетна резонанца ќе работи секој работен ден од 19:30 до 22:30 часот, покрај редовните две смени.

Посветени сме на јакнење на капацитетите на специјалистичките служби. Токму службата за радиодијагностика во поликлиника Чаир е одличен пример за успешна примена на оваа радиодијагностичка метода, каде корисниците на здравствени услуги од цела држава имаат можност да направат комплетна дијагностика и третман, што истовремено придонесува за растоварување на терциерното ниво на здравствена заштита, рече министерот Филипче.

Директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Исјановски посочи дека од почетокот на 2019 година, досега 1.723 граѓани направиле снимки на магнетна резонанца.

Поликлиниката Чаир е од огромно значење за граѓаните на град Скопје, бидејќи тука се опфатени сите специјалистички служби опремени со нова и софистицирана медицинска апаратура. Овој здравствен објект покрива околу 130 илјади жители од четири општини: Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево“, потенцираше директорот Исјановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.