Нема рапиден раст на бројот на новозаболени од вирусот ковид-19 и нема предлози и препораки од Комисијата за заштита од заразни болести. Епидемиолошката состојба се следи и врз основа на тоа ќе се носат препораки за натамошно спречување на ширење на вирусот. Во претходното деноноќие се регистрирани уште 606 заразени лица, а активни  се 7.552 случаи со ковид-19. Веќе се почнати преговорите со производителот на лекот „Молнупиравир“ кој може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19. Тој лек се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажале дека хоспитализацијата со негово користење е намалена за 50 отсто.

Според податоците од анализите што ги прават епидемиолозите од ИЈЗ, во изминатава седмица не е забележано рапидно зголемување на позитивни од тестирани на ковид-19. Од регистрираните нови позитивни случаи од 32 града во државата, забележано е зголемување од 3,7 отсто во однос на претходната седмица. Најголем дел од новозаразените се од Скопје. Нема притисок и во болниците. На територијата на цела држава во ковид – центрите хоспитализирани се вкупно 423 пациенти со ковид-19. Засега нема нови предлози и препораки од Комисијата за заразни болести за заштита од ковид-19“, информираа вчера за МИА од Министерството за здравство.

Од Министерството потенцираат дека секоја вакцина која ја имаат на располагање е безбедна и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на сарсков2. Сите вакцинални пунктови низ државата, како што најавија, ќе работат и во текот на денов.

Податоците на МЗ покажуваат дека во период од 6 август до 4 ноември на територијата на државава како позитивни на ковид-19 се потврдени 48 955 граѓани. Од нив 28 отсто, односно 13.886 лица, биле целосно вакцинирани.

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистиката за изминативе два месеци, 35.069 граѓани, односно 72 отсто, од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 78 отсто, додека само 22 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема“, покажува анализата на вакцинирани од позитивни случаи со ковид-19, што вчера ја објави Министерството за здравство.

Во период од 6 август до завчера на територијата на државата починале 1.688 пациенти со ковид-19. Од нив 1.376 пациенти односно 82 отсто не биле вакцинирани, а само 18 отсто, односно 312 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

Според податоците на Институтот за јавно здравје што беа објавени вчера за претходното деноноќие од направени 3.257 тестирања регистрирани се нови 606 случаи со ковид-19, седум починати и 320 оздравени пациенти. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 205.022, а на оздравени пациенти е 190.266, а на починати е 7.204. Активни се 7.552 случаи со ковид-19, а досега во земјата се направени вкупно 1.400.249 тестирања.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.