Министерството за здравство информира дека за Поликлиниката во населбата Шуто Оризари, која работи во склоп на Здравствениот дом Скопје, за период од пет години почнувајќи од 2015 па се до 2020 година, има распишано шест огласи за издавање на ординации по општа медицина за матични лекар. На ниту еден оглас до сега се нема пријавено лекар за работа. Во моментов во тек е седми оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април.
Инаку, Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом Шуто Оризари има четири приватни здравствени установи и тоа ординации по општа медицина, кои во моментов се слободни поради пензионирање на матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред, нема да се пријават невработените матични лекари, Здравствен Дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, се со цел да се јават лекари кои би работеле во овие ординации за да може да се пружи адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина.
Во моментов во Поликлиника Шуто Оризари има вкупно 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници и шест дел од техничката служба. Во склоп на Поликлиниката функционираат и Ординација за превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, каде се врши редовна имунизација согласно календарот за вакцинација , потоа систематски прегледи , здравствено советување според возраста на децата, се издаваат медицински потврди за упис во училиште , а работи и детска превентивна стоматологија.
Во лабораторијата која е дел од Поликлиниката, во периодот на пандемијата со корона вирусот е отворен пункт за тестирање на ковид пациенти и дневно се прават и по 40 тестирања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.