Како се лекуваат онколошките болни? Кои се несакани ефекти? Дали лекувањето во Русија се разликува од лекувањето во другите земји? За тоа зборува директорот на Клиничкиот научнопрактичен онколошки центар во Санкт Петербург, Владимир Михајлович Мојсејенко, хемотерапевт

Лекувањето се одредува индивидуално

Владимир Михајлович, кажете ни какви видови традиционално лекување постојат?

Денес за лекување на онколошките заболувања се применува комплексен пристап: покрај хируршките методи и зрачење, се спроведува и медикаментозна терапија (целна терапија, имунотерапија, хормонска терапија, хемотерапија). Изборот на одреден вид традиционално лекување зависи од раширеноста на канцерогениот процес, неговата класификација, како и индивидуалните специфичности на пациентот. Сите видови традиционално лекување имаат различен механизам на дејство.

Во кој случај се пропишува хемотерапија?

Медикаментозната терапија се применува за лекување малигни тумори практично од секоја локализација и во разни стадиуми на заболување. Во зависност од степенот на раширеност на процесот, на болниот може да му се пропише хемотерапија, и како самостоен вид и во рамките на комплексното лекувања пред или по операцијата и заедно со зрачење. Задача на медикаментозната терапија е дејствување на сите оддалечени макро и можни микрометастази, заради (во некои случаи) контрола на симптомите на заболувањето и активностите на канцерогениот процес, што овозможува да се подобри квалитетот и должината на животот на пациентот. Во други случаи – да се спречи или намали ризикот од напредување на заболувањето.

Како да се преживеат несаканите појави

До какви несакани појави може да дојде при хемотерапија?

До некои несакани појави – како што се алергиски реакции, скок на телесната температура, вртоглавица, мачнина, повраќање, голема слабост – може да дојде во текот на воведувањето на лековите или во првите денови на лекувањето. Примената на премедикација и постмедикација и внимателниот однос спрема пациентот овозможуваат да се избегнат многу несакани појави. Најчеста е гастроинтестиналната токсичност (мачнина и повраќање), но нејзиниот степен може да биде различен кај секој пациент. Меѓутоа, денес постојат многу ефикасни мерки на спречување на гастроинтестиналната токсичност. Друга несакана појава е хематолошката токсичност – влијанието на цитостатиците на коскената срцевина, главната фабрика на сите градбени елементи на крвта.

ЛЕКОТ КАКО ОТРОВ

Важно е да сфатите дека хемоцитостатиците се отрови. Тие дејствуваат како на лошите, канцерогени клетки така и на оние добрите, здравите. Токму затоа, на која било клетка да дејствува отровот, може да дојде до труење на сите човечки органи и системи.

Најповолната варијанта што во работата на медицинските центри е специјалната електронска книшка, во која пациентот онлајн ги внесува своите симптоми (покачена температура, столица, синдром на болка) што се јавуваат во паузите помеѓу хемотерапијата. Така лекарот може да реагира во истиот момент и да ја промени дозата на лекот. Ваквата „брза реакција“ помага да се подобри квалитетот на животот на пациентот и да се избегнат состојби што се опасни по животот, како и тој навреме да се регенерира за следниот циклус. На основа на тие показатели, лекарот ќе може да преземе ефикасни мерки за снижување на нивото на токсичност, како и да ги коригира следните циклуси на лекување.

ВИДОВИ ТЕРАПИЈА

* ЦЕЛНАТА ТЕРАПИЈА дејствува на конкретни молекуларни промени што постојат во канцерогените клетки, ги блокира таквите промени, со самото тоа спречувајќи го растот на туморот, и предизвикува уништување на клетките.

* ИМУНОТЕРАПИЈАТА му помага на имунолошкиот систем на организмот да ги препознае канцерогените клетки, а на имуните клетки им омвозможува активно да се борат со нив.

* ХОРМОНСКАТА ТЕРАПИЈА (ендокринотерапија) го блокира влијанието на хормоните што се потребни за стимулација на растот на туморот. Овој метод се користи кога во туморот ќе се откријат потенцијално осетливи клетки.

* ХЕМОТЕРАПИЈАТА ја потиснува делбата на клетките, вклучувајќи ги и канцерогените. Таквото лекување не дејствува само на жариштата на заболувањето туку и на здравите клетки на организмот, што условува појава на несакани ефекти.


Косата ќе порасне!

Дали кај сите пациенти паѓа косата? И дали кај сите израснува?

Паѓањето на косата е многу индивидуален проблем. Тоа зависи од механизмот на дејствување на цитостатиците и влијанието на фоликулот на влакното. Сепак, важен фактор се и индивидуалните специфичности на организмот. Да, постојат цитостатици чиј несакан ефект е влијание на фоликулот на влакното и предизвикување алопеција. Но, по правило, неколку месеци по завршувањето на хемотерапијата, косата повторно израснува.

 

Повеќе на Убавина и здравје



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.