Првпат во Македонија и на Клиниката за отропедија при ТОАРИЛУЦ била извршена операција на 17 годишно момче со тумор на десната подлактица, соопшти Министерството за здравство.
Тимот хирурзи под раководство на проф д-р Милан Самарџиски го отстрани во целост туморот од долниот крај на радиусот и го замени со коска од починат донор. Ова е прва операција од ваков тип на Клиниката за ортопедија и во земјава, велат од Министерството за здравство.
Со вклучување на Клиниката за ортопедски болести во Програмата за трансплантација на органи и ткива, се отворија нови можности за третман на пациенти со трауматски повреди, тумори и други дијагнози кои овозможуваат преку оперативен третман заболеното и оштетено коскено ткиво да се замени со ткиво од починат донор и со тоа да се спаси животот на голем број пациенти.
Претходно, во април, На Клиниката за ортопедски болести првпат во историјата на македонското здравство беше направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор.
Потоа на Клиниката за Ортопедски болести беше завршена првата трансплантација на коска од починат дарител која траеше пет часа. Трансплантацијата ја направија тимот хирурзи предводен од проф. д-р Милан Самарџиски и д-р Александар Трајановски. Тие ја направија комплексната операција на замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво, кај пациент кој се лекува од малиген тумор на коска.
Експлантацијата на коскените ткива се случи на 17 април кога тимот хирурзи од Клиниката за Ортопедија предводен од д-р Александар Трајановски ја направи првата експлантација на коски и коскени ткива од починат донор. Сите експлантирани графтови беа микробиолошки тестирани и складирани за презервација на температура од -40 во Банката за коскени и меки ткива во склоп на клиниката.
Коскените трансплантанти имаат огромен бенефит за пациентите и се користат кај оштетувања на скелетот предизвикани од бенигни и малигни тумори, состојби после трауми, последици од пропаднати ендопротези, вродени аномалии и како и кај ред други заболувања кои прават оштетувања на скелетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.