Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи на Македонија најавува протест пред Министерството за здравство на 6 ноември затоа што Владата не ги послушала нивните барања за укинување на матичните стоматолози и укинување на капитацијата.
Според стоматолозите, начинот на капитација бил повеќе неодржлив затоа што голем број од приватните стоматолошки установи биле на работ на банкрот поради се поголемото намалување, што пак се случува поради масовното иселување. Бараат секој стоматолошки тим од државата да добива фиксно по 90.000 денари месечно за да се покриеле основните трошоци за една амбуланта.
Со самата капитација не можат да бидат исполнети основните барања на една амбуланта во однос на плати, придонеси, амортизација и сите други режиски трошоци, што ги има една приватна здравствена установа. Со самиот модел на капитација оние ординации, кои имаат поголем број на пациенти стануваат се побогати, а оние кои немаат доволен број на пациенти се на работ на банкрот. За нормално работење нам ни се потребни 2.000 пациенти, а тоа е невозможно поради демографијата, егзодусот иселувањето итн., истакнува Жарко Ѓорѓиев, претседател на Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи на Македонија.
Од 1.211 ординации во Македонија, кои имале склучен договор со Фондот, само 131 имале над 2.000 пациенти потребни за некое рентабилно работење. А, со под 1.500 пациенти биле 876 ординации, кои веќе биле во загуба. Затоа тие не сакаат повеќе модел со капитација.
Со зголемувањето на капитацијата, која што е во најава, половина од буџетот би го распределувале 330 тимови, а околу 900 тимови останатата половина, вели Дафина Богеска, стоматолог.
Моментниот буџет, што се одделува за стоматолозите, бил околу 599 милиони денари годишно, а со новата методологија стоматолозите бараат тој да се зголеми на 1,4 милијарди денари годишно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.