Прилепчанката Христина Гулеска е медицинска сестра, мајка на три деца. Жена која се соочила со корона вирусот. Таа е меѓу првите прилепчани кои се соочија со предизвик. Како и нејзиниот сопруг, кој беше во крајно тешка состојба.

Христина со голема доверба ја раскажува приказната – како се избориле со Ковид-19.

Заболев, ги имав сите симптоми: температура, кашлица, стегање во градите. Почна тешкото животно патешествие. Се изолирав од ќерките. Само ми носеа храна до вратата. И толку. Не смеев да ги доведам дополнително во опасност. Неизвесност, тешки психички премрежја со денови – вели Христина.

Христина вели дека не му го посакува тоа трауматскоо искуство ниту на најголемиот непријател.

Уште потешко беше кога заболе сопругот. Од нигде-никаде, тој имаше тешка клиничка слика. Прво беше хоспитализиран на Инфективното одделение во прилепската болница. Цело време имаше тешка клиничка слика. Имаше опструктивна бронхопневмонија. Беше на кислородна поддршка. Четиринаесет дена беше на одделението и секој ден беше посебна приказна. Посебна битка за живот и молба за помош. И кога мислевме дека е подобар, на 15. ден, во краток период од неколку часа, настанаа компикациите од вирусот. Итно беше префрлен на Инфективната клиника во Скопје. Таму беше уште 15 дена. Цело време со тешка клиничка слика, со агресивна терапија и со кислородна поддршка. Само тој знае, ние бевме само морална поддршка, како издржа еден месец во неизвесност за животот. На моменти ми вели молев за воздух, молев за помош. Тоа не може да го заборавиме никогаш – раскажува Христина.

таа вели дека сега сите пет члена на семејството се здрави.

Ја поминавме најголемата животна битка. Јас полесно, сопругот излезе како победник во оваа нерамноправна животна борба. Сега нема компликации. Сметам дека сме супер. Така ќе се бориме да остане – вели Христина.

За Христина големо е прашањето: дали ќе беше полесно за сопругот ако примел конвалесцентна плазма? Ама тоа време беше почеток на пандемијата. Немало можност.

Тоа ја отвори потребата – да се помогне. Безрезервно како да им се помогне на оние кои ја преживуваат истата голгота. Најстрашното беше – да не знаат во моменти каков ќе биде исходот од битката. Затоа, без исклучок се зацврсти уверувањето – мора да помогнеме. Ама како? – вели таа.

Христина објаснува дека ја приграбиле иницијативата на Институтот за трансфузиона медицина за дарување конвалесцентна плазма. Преживеаните и оздравените, да им даруваат плазма на оние кои ја водат битката за здравјето.

Без двоумење ја прифативме поканата на Институтот за трансфузиона медицина да даруваме плазма. Јас по тестирањата можев да дарувам, сопругот не, зашто имаше тешка клиничка слика. Всушност, не е едноставно да се дарува. Тестирањата мора да бидат во ред. Неизмерно беше задоволството кога добив одговор – може да дарувам плазма – раскажува Христина.

За Христина животна определба стана – по неповторливото искуство со короната, мора да се направи нешто. А можноста да се дарува плазма е вистинскиот одговор на молбите како да се променат нештата. Таа има и емотивен апел.

Чувството дека може да се помогне некому е неописливо. Апелирам до сите кои имаат искуство со коронавирусот, кои ја поминале таа голгота, да даруваат плазма, да помогнат некому, зашто животот оди нагоре, а не надолу. Надежта е пресудна, а неограничена е кога знаете дека некој е подготвен безрезервно да ви помогне. Тоа му го посакувам секому – чувството дека не е сам и дека има други кои се грижат за него – вели Христина.

Христина е една од 16-те прилепчани кои се одѕваа на апелот на Институтот за трансфузиона медицина за дарување конвалесцентна плазма.

Прилеп има преку 700 случаи на корона-заболени од почетокот на пандемијата. Во првите фази се околу 300. Од нив, се земени предвид стотина, шеесетина се тестирани, а одговараат 16 доброволци.

За дарување конвалесцентна плазма може да стане збор речиси по еден месец од оздравувањето. Тука е вклучен периодот на тестирања. Битно е дека мора доброволниот дарител да ги исполни сите критериуми, да добие можност да биде дарител. Веќе 16 прилепчани даруваа конвалесцентна плазма. И никој не одби, не рече дека не може. Тоа е хуманост, тоа е за пофалба. Ние постојано работиме на обезбедување можност да им се помогне на заболените. Крвната плазма од заболени е позната метода одамна кај заразните заболувања. И, се чини, во вакви ситуации, најсигурна. Ние продолжуваме со акцијата, а таа добива на значење овој период на есента и во пресрет на зимата. Апелот до доброволните и хумани граѓани останува – објаснува трансфузиологот и раководител на одделот, д-р Виолета Јованоска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.