Со доаѓањето на викендот повторно се зголеми бројот на македонски граѓани коишто заминуваат во Србија за да се вакцинираат или да ја примат втората доза од вакцините против Ковид-19.

Од раните утрински часови има забележливо зголемување на фреквенцијата на возила на граничниот премин Табановце, каде што за влез во Србија се чека меѓу 30 минути и еден час.

Присуството на Македонците се забележува и на пунктовите за вакцинација. Така, пред Спортската сала во Врање, каде што се спроведува масовната вакцинација во овој град, уште пред отворање на пунктот, пред вратите имаше собрано група од неколку десетини луѓе кои чекаат за вакцинирање.

Притоа, интересно е што Србите имаат преземено мерки за да се спречи создавање турканици, нешто што се случуваше минатите викенди, кога насобраните македонски граѓани се собираа на куп и се туркаа во обид што побрзо и ако може преку ред, да влезат во салата.

Затоа, пак, сега пред вратите на спортската сала се поставени тараби кои го ограничуваат просторот и ги принудуваат луѓето дојдени за вакцина да стојат и да чекаат во ред во две колони.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.