По една роденденска забава во Тексас на 30 мај еден човек наводно заразил со коронавирус 17 члена од своето семејство. Читајќи вакви вести, ќе помислите дека вирусот е пожар кој инстантно предизвикува епидемија каде и да се појави. Но, други вести носат сосема друга приказна.
Во Италија, на пример, научниците испитувале зачувани примероци на отпадна вода за да ги побараат најраните траги од вирусот. Минатата недела тие известија дека вирусот го имало во Торино и Милано уште од 18 декември. Но, поминале два месеца пред болниците во Северна Италија да почнат да се полнат со жртви на Ковид-19. Па изгледа како тие вируси од декември постепено да ги снемало.
Колку и да изгледа чудно, вестите не се контрадикторни. Повеќето заразени луѓе не го пренесуваат коронавирусот на некој друг. Но, мал број можат да го пренесат на многу други.
Како да сте фрлиле чкорче во куп дрвца. Можеби ќе се запалат, можеби не. Но, ако чкорчето ја погоди вистинската точка, одеднаш ќе настане пожар, вели научникот Бен Алтхаус.
Научниците велат дека клучно за зауздување на пандемијата ќе биде токму тоа да се разбере зошто некои чкорчиња предизвикуваат пожар, а некои не.
Инаку сте во позиција каде што секогаш сте еден чекор зад вирусот – вели Адам Кучарски, епидемиолог во лондонската Школа за хигиена и тропска медицина.
Кога вирусот првпат се појави во Кина, епидемиолозите поитаа да сфатат како се шири од човек на човек. Една од нивните први задачи беше да се процени просечниот број на луѓе што ги заразува едно заболено лице или, како што го нарекуваат научниците, репродуктивниот број.
Новиот коронавирус излезе дека има репродуктивен број некаде помеѓу два и три. Не е возможно да се каже точен број бидејќи однесувањето на луѓето може да го олесни или отежни ширењето на вирусот. На пример, преку одење во изолација Масачусетс го намали репродуктивниот број од 2,2, колку што беше на почетокот на март, на 1 кон крајот на месецот, а сега е 0,74.
Овој просечен број исто така може да биде лажлив затоа што ја маскира варијабилноста на ширењето од едно лице на друго. Ако 9 од 10 лица не го пренесуваат вирусот воопшто, а десеттото го пренесува на 20 лица, просечниот број сè уште би бил 2.
Во некои случаи, како при грип или сипаници, голем дел заразени луѓе го пренесуваат патогенот на неколкумина други. Тие болести имаат тенденција на бавно и стабилно растење. Но, другите болести, како што се малите сипаници и САРС, се склони кон ненадејно избувнување со само неколку лица што ја шират болеста.
Епидемиолозите ја сфаќаат разликата меѓу разгорувањата и бавното ширење со тн. параметар на дисперзија. Тоа е мерка за тоа колкава варијација има од лице до лице во пренесување на патоген.
Но, Џејмс Лојд-Смит, кој го развил параметарот пред 15 години, предупредува дека само затоа што научниците можат да го измерат, не значи дека тие разбираат зошто некои болести се шират повеќе од други.
Ние само разбираме делови од тоа – истакнува тој.
Кога изби ковид-19, Кучарски и неговите колеги се обиделе да го пресметаат тој број преку споредување на случаите во различни земји.
Ако ковид-19 беше како грип, би очекувале епидемиите на различни места да бидат претежно со иста големина. Но, Кучарски и неговите колеги забележале големи варијации. Најдобриот начин за објаснување на оваа шема, утврдиле тие, било тоа дека 10 отсто од заразените биле одговорни за 80 проценти од новите заразувања. Што значи дека повеќето луѓе им го пренеле вирусот на само неколку лица.
Кучарски и неговите колеги ја објавиле студијата во април, но извештајот не бил прегледан од други научници и објавен во научно списание. Други епидемиолози го пресметале параметарот на дисперзија со други методи и дошле до слични процени.
На пример, во Џорџија, Кристин Нелсон од Универзитетот „Емори“ и нејзините колеги анализирале повеќе од 9.500 случаи на Ковид-10 од март до мај. Тие создале модел за ширење на вирусот во пет земји и процениле колку луѓе заразило секое лице. Во непрегледаното издание објавено минатата недела, истражувачите пишуваат за многу настани на суперширење. Само 2 отсто од луѓето биле одговорни за 20 отсто од трансмисиите.
Сега истражувачите се обидуваат да сфатат зошто толку малку луѓе го шират вирусот на толку многу лица. Тие се обидуваат да дојдат до одговорите на три прашања:
-Кои се суперпроширувачите?
-Кога се случува суперширењето?
-Каде се случува суперширењето?
Во однос на првото прашање, лекарите набљудувале и виделе дека вирусот кај некои луѓе се мултиплицираат во поголем број отколку кај други. Можно е некои луѓе да стануваат вирусни оџаци, исфрлајќи облаци на патогени со секој испуштен здив.
Исто така, кај некои луѓе има поголема можност за разболување, а потоа тие може да заразат други лица. Возач на автобус или вработен во дом за стари лица може да се наоѓа во центар на социјална мрежа, додека кај повеќето луѓе има помали шанси за доаѓање во контакт со други – особено во изолација.
Нелсон се сомнева дека биолошките разлики меѓу луѓето се помалку значајни.
Мислам дека околностите се многу поважни – вели таа.
Изгледа дека голема трансмисија се случува за краток период кој почнува неколку дена по заразувањето, дури и пред да се појават симптомите. Ако луѓето не се опколени со многу народ за време на тој краток период, тие не можат да го пренесат вирусот.
Дополнително, некои места изгледа се добри за суперширење. На пример, бар полн со луѓе кои зборуваат гласно. Секој од нив може да шири вируси дури и без да кашла. А без добра вентилација, вирусите може да останат во воздухот со часови.
Во студија од Јапонија се наведува дека имало кластери на случаи на коронавирус во објектите за здравствена нега, домовите за стари лица, рестораните, баровите, работните простории и музичките настани, како концерти во живо и караоке-забави.
Шемата на суперширење би можела да го објасни нејасното доцнење во Италија меѓу доаѓањето на вирусот и подемот на епидемијата. И генетичарите најдоа слично доцнење во други земји.
Многу земји се бореа со епидемијата со изолации, кои го намалија репродуктивниот број на Ковид-19. Но, како што владите одат кон ново отворање, не треба да станат задоволни и да го заборават потенцијалот на вирусот за суперширење.
За само една недела може да преминете од мислење дека нештата ви се под контрола до неконтролирана епидемија – вели Лојд-Смит.
Од друга страна, знаењето дека ковид-19 е суперширечка пандемија може да е нешто добро.
Поради тоа што поголемиот дел од трансмисијата се случува само во мал број слични ситуации, може да е можно да се смислат паметни стратегии за нивна превенција. Може да се избегнат огромните изолации преку таргетирање на настаните каде што има големо ширење.
Извор: The New York Times
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.