Антивирусниот лек ремдесивир (Remdesivir), кој се сметаше за можен третман на болеста предизвикана од новиот коронавирус, не успеа во првото клиничкото тестирање, пренесе „BBC“.
Имаше голема надеж дека ремдесивир може да го лекува ковид-19.
Но, кинеското испитување покажа дека лекот не бил успешен, според нацрт-документите случајно објавени од Светската здравствена организација.
Лекот не ја подобри состојбата на пациентите ниту го намали присуството на патогенот во крвотокот, се вели во истиот.
Веста за неуспешниот обид се прошири откако СЗО објави детали од својата база на податоци за клиничките испитувања, пред да биде отстранета. СЗО оттогаш потврди дека нацрт-извештајот бил погрешно поставен.
Извештајот покажа дека истражувачите испитувале 237 пациенти, од кои лекот го примиле 158 лица и биле споредувани со напредокот со останатите 79, кои добиле плацебо.
По еден месец, 13,9% од пациентите кои го земале лекот починале во споредба со 12,8% од оние кои примале плацебо. Процесот веднаш бил запрен поради несаканите ефекти.
– Ремдесивир не беше поврзан со клинички или виролошки придобивки – се наведува во резимето.
Компанијата „Gilead“, која е производител на лекот ремдесивир, го оспори постот на СЗО.
– Важно е да се напомене дека заради раното прекинување на студијата, поради малиот број на волонтери, не се доби доволен обем за да се овозможи да се извлечат статистички значајни заклучоци – вели портпаролот на компанијата, цитиран од „ВВС“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.