Од денеска во функција на пациентите се реновираните простории на УК за ортопедија со што се заокружи планот за целосна обнова на зградата на хируршките клиники, во која 70 тина години не беше сменето ништо. Клиниката за ортопедија, сега после многу години ги добива најсовремените услови и стандарди, истакна во изјава за медиумите министерот за здравство д-р Венко Филипче.

Се работи за целосно реновирање на простор од 1.300 квадратни метри и тоа во делот на болничките соби, собите за интервенција, единицата за интензивна нега и терапија, собата за анестезија, детскиот оддел и сите останати помошни простории.Огромен број експерти работат тука, огромно искуство е акумулирано тука на Клиниката – тоа се наши колеги познати во светот по своите интервенции, по своите публикации и тоа е уште еден аргумент, уште една работа на која сме горди. Со ова реновирање се заокружува еден процес кој значи осовременување на овие капацитети за лекување, реновирани операциони сали, што значи целокупниот процес на лекување хируршка интервенција, постоперативно закрепнување, делот за интензивна нега се одвива во посебни и нови простории, кажа министерот за здравство д-р Венко Филипче на денешниот настан по повод пуштање во употреба на реновираните простории на клиниката за ортопедија.

Клиниката за ортопедски болести, како и многу други Клиники се реновираа во време на ковид пандемија, кога беше исклучително тешко да се работи. Медицинскиот тим се соочи со предизвикот да згрижува и лекува ковид болни, а во исто време да се работи и на оперативниот и на амбулантски програм на Клиниките. За истиот овој период течеа и градежните работи за реновирање.

Успеавме за неполна година темелно да го измениме ликот на Клиниката и горд сум на сето ова. Ова е најголема инвестиција на Клиниката за Ортопедија во изминативе неколку децении и е реализирана во време на пандемија на корона вирусот. Универзитетската Клиника за Ортопедски болести располага со 70 болнички кревети сместени во 20 болнички соби каде се лекуваат пациенти од детска па се до адултна возраст. Во склоп на Клиниката е и Единицата за интензивна нега и терапија која во склоп на оваа реконструкција е опремена со нови монитори за следење на виталните параметри на пациентите. Реновирани и опремени се и собите за интервенција на секој оддел, како и сите останати помошни простории – истакна д-р Александар Трајановски директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.