Министерството за здравство информира дека за Поликлиниката во населбата Шуто Оризари, која работи во склоп на Здравствениот дом Скопје, за период од пет години, почнувајќи од 2015, па сѐ до 2020 година, има распишано шест огласи за издавање ординации по општа медицина за матични лекари.

Од таму велат дека на ниту еден оглас досега не се пријавил лекар за работа.

Во моментот во тек е седмиот оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април.

„Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом ‘Шуто Оризари’ има четири приватни здравствени установи, и тоа ординации по општа медицина, кои во моментот се слободни поради пензионирање матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред нема да се пријават невработените матични лекари, Здравствениот дом – Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор, туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот сѐ со цел да се јават лекари што би работеле во овие ординации за да може да се укаже адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина“, велат од МЗ.

Во моментот во Поликлиниката „Шуто Оризари“ има вкупно 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници и шест дел од техничката служба.

Од МЗ велат дека на годишно ниво во Поликлиниката „Шуто Оризари“ се реализираат речиси 30.000 прегледи.

Во 2017 година беше отворена и ординацијата по гинекологија, но таа, по една и пол година, беше затворена затоа што докторката го раскина договорот за закуп со Здравствениот дом – Скопје. Во моментот Министерството за здравство опремува нова гинеколошка ординација, која набргу ќе почне со работа.

Деновиве повеќе граѓански здруженија побараа институциите да не ги забораваат граѓаните на општина Шуто Оризари, кои немаат матичен лекар.

Причина е тоа што установата е речиси празна, матичните лекари заминале во пензија, нов кадар нема, а жителите на Шуто Оризари велат дека немаат основна здравствена заштита.

Во услови на здравствена криза на околу 5 200 пациенти им е оневозможен пристап до здравствени услуги поради дефицит на матични лекари во локалната поликлиника.

Секој матичен лекар, кој работи во поликлиниката има околу 2500 до 3000 пациенти и нема простор да прими дополнителни пациенти, па така околу 4000 возрасни лица и 1.200 деца од Шуто Оризари во ек на пандемија се оставени без матичен лекар, а во случај да се заразат со коронавирусот не можат да закажат термин.

Има околу 250 лекари по општа медицина коишто се пријавени како невработени, но нема заинтересираност да работат во Шуто Оризари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.