Во вакциналните пунктови низ државата од денеска почна да се аплицира вакцината на кинескиот производител „Синовак“, откако истата ги помина сите потребни законски процедури, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинацијата со „Синовак“ се одвива скоро во цела држава, освен во Скопје и Битола, каде имунизацијата со оваа вакцина ќе започне од утре. Станува збор за класична вакцина каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната, па оттука и разбирливо е што широката популација ја доживува како една од најбезбедните платформи за производство на вакцини. Во однос на возраста на којашто се дава, вакцината „Синовак“ нема ограничување во Кина и се аплицира и кај деца над 3 годишна возраст.
Оваа вакцина кај нас ќе се користи над 18 години и без ограничување на возраста кај возрасните лица. Вакцината „Синовак“ се препорачува и за доилки и трудници.
Според последните податоци од Министерството, на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 321.815 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.220 граѓани, а вчера се вакцинирале 12.994 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 542.699 дози вакцини, а ревакцинирани се 220.884 граѓани.
Преку веб платформата vakcinacija.mk се пријавиле 469.212 граѓани.
Според последните бројки, 52 % од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 49 % од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43 % од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.